Охрид и митот за 365 цркви

Св. Јован - Канео

1. Св. Јован / Канео - Охрид

Црква на највпечатливо место на стена Канео во Охрид

Св. Софија Охрид

2. Св. Софија - Охрид

Соборниот храм Св. Софија - Охрид, многу постар од 1000 години

Св. Никола Геракомија

3. Св. Никола / Болнички - Охрид

Св. Никола / Болнички - Охрид, мала стара црква во градските ѕидини на Охрид

4. Св. Никола / Геракомија - Охрид

Св. Никола / Геракомија една од најстарите цркви во стариот град Охрид, Варош, старА 1000+ години

5. Св. БОГОРОДИЦА / БОЛНИЧКА - Охрид

Св. Богородица / Болничка една од најстарите цркви во стариот град Охрид, Варош, стар 1000+ години

6. Св. НИКОЛА / Долна Влашкамаала - Охрид

Св. Никола, која се наоѓа во Долна Влашка Маала покажува дека на само 1 км на брегот на Охридското Езеро е 3-та црква посветена на овој светец. Иако за тоа нема голема свесност, сепак на оваа листа може да се воочи.  

7. Св. БОГОРОДИЦА / Каменско - Охрид

Св. Богородица / Каменско е една од непрекинато живите цркви во Охрид, нашата месна црква каде се крштеваат, венчаваат и вршат помени. Таму на 25.05.1962 сослужуваат Рускиот Алексеј Први, Српскиот Патријарх Герман и Македонскиот Архиепископ Доситеј. 

8. Св. ДИМИТРИЈА - Охрид

Св. ДИМИТРИЈА, мала црквица во близина на Св. Богородица Перивлепта 

9. Св. БОГОРОДИЦА ПЕРИВЛЕПТА - Охрид

Св. БОГОРОДИЦА ПЕРИВЛЕПТА, на второто ридче од Калето, но секогаш останала да ја користат верниците (во 500 годишното Османлиско Ропство. Во таванот од црквата биле скриени вредни икони од притворените цркви во џамии  (Св. Софија и Св. Пантелејмон,. иконите се сега изложени во Галеријата на икони). Исто така моштите на Св. Климент, кој бил погребан во Св. Пантелејмон биле префрлени во Св. Богородица Перивлепта, затоа месното население оваа црква ја викала Св. Климент. Со враќањето на моштите во обновената Св. Пантелејмон, сега таа црква дополнително се нарекува Св. Климент. Ова е една од најубавите цркви во Охрид.

10. Св. КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА - Охрид

Мала црквица источно од Св. Богородица Перивлепта со многу убав поглед на Охридското Езеро.

11. Св. БОГОРОДИЦА ПАНДОНОС - Охрид

Мала црквица над Амвфитеатарот

12. Св. Пантелејмон и Св. Климент ПЛАОШНИК - Охрид

Обновената Св. Климентовата црква, со оригинално име Св. Пантелејмон каде Климент бил погребан во 910 година. Моштите се уште се наоѓаат во црквата и се вадат на помазание секој празник. Тука е и крстилницата која е барем уште 500 години постара од црквата која била изградена на темели на разрушена базилика. 

13. БАЗИЛИКА ПЛАОШНИК - Охрид

Базиликата на Плаошник некаде од 4 век, со прекрасни подни мозаици и огромни габарити. Дали треба да ги евидентираме разрушените до темел базилики и цркви, или пак тие се уште поважни за евидентирање. 

14. Св. Врачи Козма и Дамјан - Охрид

Една убава црква на прекрасна локација, била за грчка.

15. Св. ВАРВАРА - Охрид

Мала црква под амфитеатарот.

16. Базилика Манчевци - Охрид

Разрушената базилика од 4 век. Мозаици и други убавини.

17. Мал. Св. Климент - Охрид

Мал Св. Климент е всушност единствената црквичка со оригинално име Климент Св. Богородица Перивлепта и Св. Пантелејмон името Св. Климент го носат како дополнително име кога неговите мошти се наоѓаат во овие цркви во одредени временски периоди, а постоеле и за живото на Св. Климент кој  е погребан во Св. Пантелејмон во 916 година. Климент ја носи титулата Охридски, секако како посебна чест.

18. Св. Никола / Чудотворец - Охрид

Св. Никола / Чудотворец, мала црквица во Варош – Охрид, но интересно е што е ова четврта црква посветена на Св. Никола на мала раздалечина една од друга. 

19. Св. Богородица / Челница - Охрид

Св. Богородица / Челница, средно голема црква во Варош – Охрид.  

20. Мал Св. Врачи - Охрид

Мал Св. Врачи покрај Св. Богородица / Челница, мала црквица во Варош – Охрид.  

21. Мала Св. Богородица / Рождеството

Мала Св. Богородица / Рождеството, се наоѓа веднаш под Св. Јован / Канео,  мала црквица на самиот брег на езерото.  
На таблата пишува и Св. Петка за која не сум сигурен каде е точно, но штом се утврди листата ќе биде надополнета. (21 броиме, еден памтиме). 

22. Св. Димитрија / Параклис - Плоштад

Св. Димитрија / Параклис – Плоштад.
На местото на срушените црква Св. Димитрија и потоа џамијата, се наоѓа Параклис на Св. Димитрија кој го одржува фамилијата на Коле Бикчето. 
Доколку сакаме да го разоткриеме митот за 365 цркви би било добро да ги утврдиме и црквите кои постоеле, а кои во сегашноста не постојат. Ова затоа што митот потекнува од минатото логично е да ги земеме и црквите од минатото во предвид, барем оние за кои постојат податоци. 

23. Св. Троица

Св. Троица  е маалска црква која се наоѓа во нова населба која се наоѓа од ул. Железнилка спрема село Лакочереј после бившата касарна. Денес на 1.2.26 – Недела (прва седмица од Велигденските пости) ја посетив да направам фотографии. Беше исполнета од околните жители со многу млади брачни парови и деца. 

24. Св. Ѓоргија / Горна Влашка Маала

Св. Ѓоргија / Горна Влашка Маала е исто така една од нај живите цркви минативе неколку стотини години од кога е изградена, за доселените протерани Власи од уништеното Москополе. Тамошниот Бег ги протерал, а Охридскиот примил дел од нив им доделил земја на крајот од градот и им дозволил да изгладат црква.   

25. Св. Никола / Арбанашки

Св. Никола / под Самоиловата Тврдина. Мал параклис разрушен и зараснат. Останати делови од ѕидовите. Една икона поставена во средина колку да ја означи црквата. Во дворот на Чобанови (заб. Жура)

26. Базилика 3 под Св. Пантелејмон

Базилика (3) под Св. Пантелејмон е исто така импозантна. се гледаат темелите околу обновената црква, влезот со мозаичен под, засебна крстилница. Низ застаклениот под се гледаат делови од базиликата под црквата. Дилемата дали да се бројат двата објекти стариот во темели и обновениот останува, меѓутоа вредни се двата објекти и двата постоеле иако не во исто време. Можеби вака ќе ја надминиме бројката од 365 цркви. 

27. Базилика 4 под Св. Софија

Базилика (4) под црквата Св. Софија. Се гледаат темелите на базиликата околу црквата бидејќи го надминуваат габаритот во својата монументалност. Исто пронајден еден столба и неколку метри темели во длабочина. Исто две пишиме на исто место во различно место, ама памтиме за да утврдиме не само дали воопшто имало 365 цркви туку и дали бројката била постигната во еден момент?

28. Св. Никола / Али Пашина Џамија

Според записите пред доаѓањето на Османлиите пред повеќе од 500 години, на местото  блиску до сегашниот Плоштад и најстариот чинар во центарот на Охрид на местото на сегашната Али Пашина Џамија и околу неа се наоѓала црквата Св. Никола. До потврда на митот броиме и памтиме што било и што е. Ова покажува дека имало преземање на верски објекти – судири на верите, но исто така дека имало и толерантност така што не само што се сочувани многу цркви и секако Македонскиот Народ туку оние кои опстанале останале онакви какви што биле, како објектите, така и верата, за разлика од еволуирањето во слободната Западна Европа. 

29. Св. Кирил и Методиј / Католичка

Во Охрид е изградена и католичка црква Св. Кирил и Методиј (на крајот од 20 век). Инаку интересно е дека повеќе цркви во Охрид се изградени пред Шизмата (расколот, поделбата на Православни и Католици) во 1054 година. Така во нив има фрески и од папи од Рим и од патријарси од Цариград. Колку што можам лаички да ја разберам разликата во верувањето е дека Православните веруваат во Господ – Исус Христос и догматски веруваат во она што кажал – како безгрешен. Католиците ги прогласуваат и Св. Марија за безгрешна, Св. Петар, како наследник на Исус и погребан како прв Римски папа во Рим, а потоа ги сметаат и сите понатамошни Папи како безгрешни – што значи што и да е кажано од нивна страна мора да се почитува и прифати како догма. Православните не прифаќаат посредници во врската со Бога туку секој поглавар на црква, а тука го сметаат и Римскиот Папа го сметаат за еднаков. Унијатите, иако засебни цркви го признаваат Папата за нивни водач. Бидејќи Охридската Архиепископија често била под напади и притисоци од соседни земји и нивни цркви, како и од двата центри Цариград и Рим имала влијание и од едни и други. Но сепак опстоила како Македонска Православна Црква. 

30. Св. Лазар / Градски Гробишта

Св. Лазар е мала црквичка изградена на Градските Гробишта – близу Лескоец, некаде на крајот од 20 век. Изградена е заедно со мртовечницата – капела, со што се сменија обредите за погребување. Претходно покојниците преноќувале во својот дом, па се носеле во маалската црква на панихида и на крај во долги поворки до гробиштата. Процесијата траела повеќе време вклучително и бдеењето. Во сегашното модерно време обредите се прават на едно место во пократко време во капелата и црквата на гробишта.  

31. Св. Никола / Крстџамија

Св. Никола / Крст-Џамија, уште еден можеби уникатен мит. На местото на црквата Св. Никола, Хаџи Дургут почнал да прави џамија. (Некои велат дека не биле сите цркви рушени и претворени во џамии, туку доколку црквата најмалку 5 години била напуштена дури тогаш можела да се преправа во џамија. Веројатно тоа не важело секогаш и секаде, посебно како што може да се забележи, за поатрактивните локации во градот). Правејќи го минарето, тоа се рушело, после секое повторно градење. Поучен од некој мудреци го ставиле крстот од црквата на минарето и потоа изграденото минаре не се срушило. И ова не е само мит, бидејќи месната заедница, маалата околу овој објект и ден денес се вика Крст – Џамија и не само меѓу народот туку и во официјалните општински називи и документи.   

32. Св. Богородица / Пирузеви

Уште една црква Св. Богородица, или остатоците од неа. Црквата е запишана во списокот на Гоце Ангеличин – Жура во книгата Охрид град на светоста, меѓу наведените 42 цркви и 20 базилики кои се наоѓале во градските ѕидини на Охрид. Списокот се заснова на евиденцијата од 1694 г. од страна на  Козма Китијски настојникот на Охридската Архиепископија по барање на османлиските власти. Евидентирани биле 144 домаќинства и 36 цркви и параклиси, по Жура на секој 4 христијански куќи дека имало по еден верски објект. Тој го надополни списокот и ги внел објектите во карта на стариот град Охрид во својата книга.  Остатоци од спомнатата црква ги лоцира „позади Пирузевци“, спроти влезот во Вила Лара. 

33. Св. Сава / Радничка

Св. Сава, по објаснување на Жура, се наоѓа во дворот зад Радничка, или Музеј на град Охрид. Се гледа само еден агол од објектот, другото е затрупано. И оваа е дел од наведените цркви во книгата на Жура чиј дел и локација тој ја идентификувал. Навистина без деталниот опис во книгата не би ја пронашол. 

34. Св. Григориј / Митрополија

Св. Григориј, исто во книгата на Жура, е запишано дека се наоѓала под денешната Митрополија. Тука ја ставам и сликата на мапата со впишани 42 цркви и 20 базилики во спомнатата книгата на Жура.  

35. Св. Никола / Чекоштина

Св. Никола во Чекоштина е црква во градба која се гради во предвидената нова населба на ридот Чекоштина. До неа има параклис каде го видов впишано името Св. Никола.

36. Св. ЕРазмо / Лихнидски

Св. Размо е стара пештерска црква на ридот над патот кон с. Подмоље. Еразмо Охридски (или Лихнидски) — христијански маченик од крајот на III и почетокот на IV век во времето на Диоклецијан и Гај по потекло од Антиохија кој извесно време престојувал во Лихнид (Охрид), Македонија. Покрстува 40.000 верници. 

37. Св. Екатерина

Св. Екатерина е мала пештерска црква малку повисоко од Св. Размо на истиот рид. 

38. Базилика5 / Студенчишта

Малку позната Базилика над бензинската пумпа, Студенчишта. Со мозаици и убав поглед на Охрид.  

39. Св. Богородица / Канео пештерска црква

Малку позната пештерска црква Св. Богородица под св. Јован – Канео.  Оваа фотографија е преземена од книгата на Жура.

40. Св. Благовештение / Рача

Мала црква Св. Благовештение на врв на асфалното патче кое врви низ Рача. Во пролет прекрасна река полна со бела пенлива вода.

41. Св. Воведение на Богородица / Рача

Воведение на Св. Марија е нова црква во Рача на доминантниот врв на ридот на патот Охрид кон Горица.  Наутро сонцето се погоди да свети над крстото. Убав поглед кон Охрид. 

42. Св. Стефан / Горица

Св. Стефан / Горица е добро позната пештерска црква, која е доградена, па последно време и со конаци. Целата туристичка населба со неколку десетици хотелчиња и одмаралишта, се вика Св. Стефан 

43. Св. Никола / Горно Шипокно

Над Св. Стефан е Долно Шипокно, ама убави 2 км угорница во Горно Шипокно, некаде под Велестово, да ти имало уште една црква. Погодувате дека и таа се вика Св. Никола. Селото е напуштено, а има многу убав поглед на езерото и Охрид. Иако од надвор е убаво фасадирана и има трем, делови откриваат дека е стара црква. 

44. Св. 40 Севастиски Маченици - Шанданови

Во дворното место на Шандановци е откриен дел од црквата Св. 40 Севастиски Маченици што е означено, заштитено. (Наводи и фотографија преземена од книгата „Охрид град на светоста“ од Гоце Ангеличин – Жура, работена по списокот на Козма од 1694 година.). Дополнително во западниот дел постоела мала капела, дел од црква посветена на Св. Атанасиј, веројатно постара затоа што не била спомната во наведениот список. 

45. Базилика 6 / Дебој

При градбата на Основното Училиште Св. Климент Охридски откриени се темели на базилика со мозаичен под. Истата се наоѓа под спортското игралиште на училиштето. (Наводи и фотографија преземена од книгата „Охрид град на светоста“ од Гоце Ангеличин – Жура, работена по списокот на Козма од 1694 година.)

46. Св. Тома / Лескоец

Кога се оди од Охрид, преда влезот во Лескоец може да се заврти десно каде има патоказ за 4-5 цркви. Првата е Св. Тома, ретко име на светец. 

47. Параклис Св. Петка / Лескоец

Веднаш до Св. Тома има парклис, покриен со настрешница посветен на Св. Петка. 

48. Св. Никола / Лескоец

Св. Никола е следна црква на патчето над Лескоец. И ете уште една црква со ова име. Морам да забележам дека веднаш по правењето на оваа слика (17.04.26 г.) се роди внук ми од синот Иво и снаата Јована, кој е крстен Никола, меѓу другото и на мене дедо му Никола. Благословено среќно е кога ти се раѓаат внучиња. Пред 7 месеци фала му на Бога се роди и внуката Теона од Ќерката Ружица и зетот Кристијан. Нека се живи и здрави, за многу години, да растат со родители, да им играме на свадба!

49. Св. Спас / Лескоец

Св. Спас е црква во селските гробишта на селото Лескоец. На тие гробишта е закопан мојот драг пријател Бранко Бакрески печалбар од Канада, самотник од Буринец, голем Македонец. 

50. Св. Наум / Лескоец

Св. Наум е највисоката црква над Лескоец и има прекрасен поглед на Охрид и полето. На нерамниот терен изградена е пола под земја со една голема карпа на задниот дел. 

51. Св. Илија / Лескоец

Св. Илија во Лескоец е нова убава црква, изградена покрај еден параклис и покрај вода во подножјето на планината. 

ХХ. место за нова црква

Св. 

Scroll to Top